Линкови за пристапност

Поделени мислења помеѓу Македонците во Флорида – кој е подобар избор за претседател на САД

  • Глас македонски

Како размислуваат припадници на македонската заедница во Флорида за претстојните претседателски избори во САД? Како гледаат на изнесените ставови од сенаторите Барак Обама и Џон Мекејн?

Коста Јанковски живее во САД речиси 20 години. Заедно со Христо Манговски се сопственици на ресторанот Реми. Добри пријатели уште од Чикаго, двајцата се доселиле во Неплс, каде влегле во угостителски бизнис.

Јанковски вели дека политиката на администрацијата на претседателот Буш ги заладила односите со блискоисточните земји и во Обама гледа шанса за подобрување на состојбите во овој дел од светот.

На домашен план, тој верува дека Обама има поголеми шанси да се справи со актуелната економска криза:

-Пред се ако Обама победи и ја реализира политиката која ја застапува спрема Ирак, како и за повлекување на американските војници и ако тој капитал се инвестира во САД добро ќе и дојде на земјата, но ако победи Мекејн тоа значи дека Америка уште долги години ќе остане во Ирак и ќе има поголем одлив на капиталот. Економската криза која е невидена за САД во изминатите 30 години е резултат на присуството во Ирак.

И Христо Манговски, кој е родум од Днбени, Костурско, Егејска Македонија живее во САД веќе 30 години. На Америка и е потребна промена, смета Манговски:

-Америка како држава прв пат се соочува со проблеми за кои нема решение. Како на економски, така и на политички план. Во однос на Мекејн или Обама, сепак демократскиот кандидат носи некои сознанија дека може нешто да промени, Мекејн

остана со старата стереотипна идеологија на републиканската партија која докажа дека во моментов – не функционира.

За Македонија според него не е многу важно кој ќе биде следниот претседател на САД, затоа што не верува дека може да уследи промена на надворешна политиката кон земјата.

Тетовчанецот Јовица Спасовски е десетина години во Флорида и работи како машински инженер во приватна фирма која дизајнира клима - уреди. За него нема дилема - републиканскиот сенатор од Аризона е подобар избор за САД:

-Пред се неговото искуството е број 1. Има голем кредит не само за неговото политичко туку и за неговото животно искуство, имајќи го во предвид фактот дека е дел од виетнамската голгота.

Тој додава дека Републиканците се понаклонети кон Македонија што е дополнителна причина да гласа за Џон Мекејн.

На иста линија е и Анета Морова-Станчиќ, која девет години живее во Флорида и е агент за давање кредити поврзани со недвижности.

-Тој е претставник од републиканската партија. Тие имаа непроменлив став дека Македонија е постои и ја признаваат под уставното име. Во однос на САД, можеби Барак Обама е поинтересен како млад почитичар кој има желба да се фрли во таканарениот политичкиот оган. Меѓутоа за источно-европските земји, како и за Македонија, сепак, Републиканците се понаклонети.

Сеедно кој ќе победи на изборите, Македонците во оваа американска заедница веруваат дека на САД ќе им треба време да се вратат на местото предводник на економски и техничко-технолошки реформи во светот.

Поврзано

XS
SM
MD
LG