19 години живее во Флорида, а по потекло од Охајо - Лу Влашо е новиот
почесен конзул на Република Македонија во Неплс. Виталниот 71-годишен
Американец од македонско потекло вели дека е важно да се биде вклучен во
локалната политика. На тоа гледа како придонес во подобрување на средината.
Влашо е главен менаџер во ресторанот Вергина во Неплс на елитната петта
авенија во градот. При нашата неодамнешна посета го запрашавме - Која е
неговата мисија како почесен конзул на Република Македонија?
-Мојата мисија е да помогнам. Кога има потреба за такво нешто, знам многу
луѓе и можам да ги поврзам. Немам официјални обврски, но знам кому да се јавам
и работата да се заврши„ вели Влашо.
Внимателно следејќи ги настаните во
Македонија, тој вели – најголем проблем за државата е отварањето нови работни
места. Според него и тука може да се помогне.
Во ерата на модерната глобализација, личните врски со деловни луѓе
формирани во еден подолг период се клучни за привлекување странски инвеститори.
Најдобар пример за тоа е
влегувањето на гигантот Џонсон Контролс во Македонија, вели Влашо.
Во Флорида живеат меѓу 5000 до 10.000 Македонци. Влашо тука нашол одлична
почва за практикување на своето мото -
секој треба да е активен во својата локална заедница. Тој верува во конзервативната идеја и е вклучен
во голем број добротворни активности.
На прелиминарните избори гласал за Мит Ромни, но денес е определен за
сенаторот Џон Мекејн. Иако не е совршен, вели Влашо, секако е подобар од Барак Обама, за кого смета дека е премногу
либерален и нема доволно искуство:
-Кога доаѓа изборот меѓу Мекејн и демократскиот кандидат, за мене нема
избор. Ќе сториме се што можеме да го добиеме најдобриот претставник во Белата
куќа.
Во графата против Обама тој вели дека е и потписот на сенаторот од Илиноис на про-грчки резолуции,
против интересите на Македонија.
Секој глас одлучува, заклучува почесниот конзул и потсетува на изборите во
2000-та, кога претседателот Буш, токму во неговата Флорида извојува тесна
победа врз против-кандидатот Ал Гор.