Американските
претседателски кандидати се препираат околу Ирак, анкетите покажуваат дека
гласачите се најзагрижени за економијата.
Републиканскиот
претседателски претендент Џон Мекејн во неделата го обвини демократскиот ривал
Барак Обама дека не разбира што е влогот во Ирак. Во интервју за ТВ-мрежата Еј-Би-Си тој ја бранеше и својата
претходна изјава дека Обама попрво би загубил војна, отколку да загуби на
избори:
- Тој не разбира што е
влогот тука. Реши да појде по политички
пат што му помогна да ја добие номинацијата на својата партија. Јас, пак, појдов по патот на поддршка за
засилувањето на американските сили во Ирак, иако знаев дека тоа не е популарно,
но знаев и дека мора да победиме во Ирак.
Тоа и го чиниме во Ирак. Да
направевме онака како што сенаторот Обама сакаше да направиме, ќе имаше хаос,
геноцид, растечко иранско влијание, и можеби Ал-Каида повторно ќе основаше база
во Ирак.
Во интервју за Ен-Би-Си,
Обама коментираше:
- Несомнено, нашите сили
во Ирак прават разлика, и тоа повеќепати го имам кажано. Мојата обврска како нареден главен командант
ќе биде да донесам одлука – која е вистинската војна што треба да ја водиме, и
како? Мислам дека требаше да бидеме
фокусирани на Авганистан уште од почетокот.
Требаше таму да ја завршиме работата.
Не ја завршивме. Но, сега имаме можност
да тргнеме напред, да започнеме со фазно повлекување од Ирак и да обезбедиме
дека сме ја завршиле работата во Авганистан.
Анкетите покажуваат тесна трка меѓу Мекејн и Обама, на 100 дена од
изборите во ноември. За многумина
Американци, економските проблеми се главна грижа. Обама планира неделава да се фокусира на економијата – има
закажано средби со поранешниот директор на Федералните резерви Пол Вокер, како
и со поранешниот секретар за трговија Роберт Рубин и билионерот – инвеститор
Ворен Бафет. Мекејн, пак, во последно
време говори за начинот како да се задоволат американските нафтени
потреби. Тој во саботата го критикуваше
Обама поради тоа што е против нафтено дупчење долж американското крајбрежје и
изградба на нуклеарни централи.