Линкови за пристапност

Буш домаќин на Гилани


Американскиот претседател Џорџ Буш на синоќешната средба во Белата куќа со пакистанскиот премиер Јусуф Раза Гилани разговараше за повеќе американски причини за загриженост, како борбата против екстремисти и обезбедувањето на границата со Авганистан.

Буш го опиша Пакистан како „цврст сојузник со жива демократија“ и рече дека со Гилани разговарале за заедничката закана од екстремисти и потребата да се обезбеди пакистанската граница со Авганистан на најдобар можен начин.

САД сакаат Пакистан да стори повеќе за да ги сопре Талебан и екстремистите на Ал-Каида кои ја користат земјата за вршење напади врз авганистанските и американските војници во соседен Авганистан. Американски и авганистански претставници велат дека припадници на Талебан нашле упориште во зафрлените племенски области во северен Пакистан, близу границата со Авганистан. Се верува дека и водачот на Ал-Каида Осама бин Ладен се крие во регионот.

Буш директно не ги спомена извештаите дека САД можеби стојат зад ракетниот напад што беше извршен нешто претходно во текот на денот во близина на границата со Авганистан, а во кој загинаа најмалу шест лица. Силите на НАТО и коалиционите сили под американско раководство негираа дека го извршиле нападот. Меѓутоа, американската Централна разунавачка агенција – ЦИА управува со беспилотни шпионски летала во тој регион. Пакистански претставници велат дека проектилите погодиле куќа веднаш до верско училиште, и наведуваат дека меѓу загинатите е и стручњак на Ал-Каида за оружје.

Премиерот Гилани исто така избегна директно да о спомене нападот, но затоа подвлече дека неговата земја е посветена на војната против тероризмот:

- Ова е наша војна. Се работи за војна против Пакистан. Ќе се избориме за својот пат. Го изгубив сопствениот лидер Беназир Буто поради милитантите.

Гилани кажа и дека Пакистан би сакал да ги подобри односите со САД.

Пакистан претходно има предочено дека нема да дозволи неговата територија да се користи за напад врз други земји. Пакистанската влада има кажано дека ќе употреби воена сила за да го спречи насилството, но и дека претпочита мировни преговори со милитантните – потег што предизвика загриженост меѓу претставници на НАТО, Авганистан и САД.

XS
SM
MD
LG