Линкови за пристапност

Конгресна комисија сослуша искази во случајот за отповикување на претседателот Буш


Конгресна комисија во петокот сослуша искази во случајот за отповикување на претседателот Буш. Иако лидерите на демократското мнозинство во Конгресот ја исклучија можноста да биде поднесено формално барање за отповикување, тие сепак одобрија ваков распит за да ги истражат границите на претседателските овластувања и аргументите за тоа кои прекршоци може да претставуваат основа за отповикување.

Критичари на претседателот Џорџ Буш и потпретседателот Дик Чејни велат дека тие треба да бидат отповикани поради наводна редица правни и уставни прекршувања. На листата се владините објаснувања до Конгресот и Американците зошто треба да се започне војна во Ирак, одобрувањето на прислушкување на телефонски разговори и контрола на електронска пошта, одобрување на груби техники на испрашување, како и непочитување на конгресни барања за појавување на владини лица на распит.

Конгресменот Денис Кучиниќ, кој, инаку, учествуваше во демократската трка за претседателски кандидат, во Претставничкиот дом поднесе формални резолуции за отповикување. Тој сведочеше и на распитот во петокот:

- Одлуката пред нас е дали Конгресот со премолчување практично ќе ги одобри методите што не внесоа во ирачката војна. Одлуката пред нас е дали да побараме одговорност за една од најтешките неправди што може да се замислат. Одлуката е дали Конгресот ќе се крене за да им каже на идните претседатели дека ова за Америка ќе биде последна од овие неправди, а не прва.

Откако демократите презедоа контрола врз Конгресот пре две години, претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси е под жестока критика на сопартијци затоа што одбива да прифати формална процедура на отповикување против претседателот. Иако Кучиниќ ги поднесе резолуциите пред Претставничкиот дом, тие беа вратени во Претставничката комисија за правосудство.

Републикански членови на комисијата тврдат дека, практично, се работи за формален распит за отповикување. Еве дел од репликата меѓу републиканскиот конгресмен Стивен Кинг и неговиот демократски колега Џон Конјерс, кој претседаваше:

Кинг: Ова е распит за отповикување во американскиот Конгрес. Не ни помислував дека ќе седам тука и вакво нешто ќе се случи.


Конјерс: За жал на многумина, ова не е распит за отповикување. За тоа треба Претставничкиот дом да гласа и да одобри комисија која ќе започне истрага, а тоа се` уште се нема случено.


Републиканскиот конгресмен Ламар Смит тврди дека нема основа за отповикување и ги обвини демократите за политички игри:

- Ништо нема да произлезе од овој распит во врска со отповикување на претседателот. Јас знам дека е така, знаат и медиумите, знае и претседателката на Претставничкиот дом.

Стивен Пресер од Катедрата за право на Универзитетот Нортвестерн коментира дека нема докази дека претседателот Буш ги ставил личните пред интересите на нацијата:

- За да биде отповикан претседател, мора да стори тежок прекршок, спротивен на заклетвата дека ќе го брани уставот и законите на земјата, значи да ги стави личните интереси пред уставот и законите.

Свое видување дадоа и Брус Фејн, поранешен помошник-заменик главен обвинител на САД и еден од првите експерти по уставно право кој повика на отповикување, како и Винсент Буглиоси, поранешен обвинител во Лос Анџелес:

Фејн: Извршната гранка на власта го вандализираше уставот дел по дел, исто како варварите кои го опустошија Рим во 410 година од нашата ера. Извршната гранка го уништи почитуваниот уставен принцип на контрола и баланс и ја доведе нацијата опасно блиску до извршен депотизам.

Буглиоси: Без разлика дали се републиканци или демократи, сите Американци треба да се апсолутно навредени од она што го стори оваа влада. Како се осмелија да го сторат она што го сторија?

Претседавачот Конјерс, на барање на републиканци во комисијата, повеќепати ги предупреди демонстрантите против Буш да не го попречуваат јавниот распит. Познатата критичарка на владата и војната во Ирак Синди Шиан во еден момент дури беше остранета од просторијата.

XS
SM
MD
LG