Линкови за пристапност

Номинацијата на Рикер се` уште блокирана


Во американската влада велат дека потврдувањето на Филип Рикер за нов американски амбасадор во Република Македонија се` уште е во застој:

- Колку јас што знам, номинацијата се` уште е блокирана. Се надеваме дека во мошне скорешна иднина ќе биде овозможено таа да продолжи. Веруваме дека најдобар начин на кој јасно може да комуницираме за политиката на нашата влада е преку претставник, преку амбасадор во таа земја, рече заменик-портпаролот на Стејт департментот Гонзалос Гаљегос на редовниот брифинг во четвртокот.

За сите номинации од американскиот претседател, каква што е и кандидатурата на Рикер, неопходна е конечна потврда од Сенатот преку гласање во ова тело. Номинацијата на Рикер во јуни мина низ Сенатската комисија за надворешни работи по распитот за потврдување на функцијата, но потоа беше блокирана поради дополнителни прашања од Сенатот на кои требаше да одговори Стејт департментот.

Гаљегос не сакаше да коментира на прашањето дека наводно сенаторката Олимпија Сноу испратила писмо до државната секретарка Кондолиза Рајс во врска со номинацијата и само кусо коментираше дека американската политика кон Македонија е добро позната и непроменета.

Сноу е единствениот републиканец меѓу 9-те сенатори кои се потписници на Резолуцијата број 300, поднесена во март минатата година, што ја повикува Македонија - ословувана во текстот под референцата ФАЈРОМ - да прекине да користи материјали што ги кршат одредбите на Времената спогодба и да работи на заеднички прифатливо решение за името. Сноу ја поттпиша резолуцијата веднаш по поднесувањето, на ист датум со сегашниот демократски претседателски претендент Барак Обама.

XS
SM
MD
LG