Американскиот демократски кандидат за претседател
Барак Обама вчера во блиц-посети на Израел и палестинските територии, во рамки
на меѓународната турнеја. По средбата
со израелскиот претседател Шимон Перес, Обама изрази силна поддршка за
Израел:
- Дојдов за да ја реафирмирам специјалната врска меѓу
Израел и САД и мојата цврста заложба за израелската безбедност, како и надежта
дека може да послужам како ефикасен партнер во наоѓањето на потраен мир во
регионот, без оглед дали како американски сенатор, или пак претседател.
Обама пораката на посветеност на блискоисточниот мировен
процес ја пренесе и на палестинскиот претседател Махмуд Абас и премиерот Салам
Фајад нешто претходно во текот на денот, за време на посетата на Рамалах на
Западниот Брег.
Вишиот палестински преговарач Саеб Ерекат вели
дека Палестинците будно ги следат и Обама, и неговиот ривал, републиканскиот
кандидат за претседател Џон Мекејн:
- Кој и да победи на изборите во САД, се надеваме
дека ќе остане на курсот за решение преку постоење на две држави напоредно,
крај на израелската окупација, поддршка за Палестинците и Израелците, за да се
постигне целта наведена во планот „Мапа кон мирот“ – две држави, Израел и Палестина
да живеат заедно една покрај друга во мир и безбедност.
Сенаторот Мекејн не се сретна со палестинските водачи за
време на последната посета на регионот во март.
Посетата на Обама на Израел, според многумина аналитичари, е обид да ја зацврсти поддршката меѓу американските еврејски гласачи.