Американските
политичари го поздравија апсењето на водачот на босанските Срби Радован
Караџиќ, кој е обвинет за геноцид и злосторства против човештвото во конфликтот
во поранешна Југославија. Двајца
поранешни државни секретари за Гласот на Америка оценија дека апсењето ќе и`
помогне на Србија на патот кон европската интеграција.
Поранешната државна секретарка Медлин Олбрајт
смета дека апсењето е голем чекор кон помирување во регионот:
- Голем настан.
Требаше одамна да се случи.
Фактот дека се случи е мошне важен за босанските луѓе и оние кои патеа
поради политиката на Караџиќ.
Лоренс Игелбергер, кој беше државен секретар во
администрацијата на Џорџ Херберт Вокер Буш - таткото на сегашниот претседател
Џорџ Буш, вели дека апсењето е важно во контект на меѓународната правда:
- Тој е меѓу последните од една мизерна група во
бегство. Иако не единствениот,
најверојатно најповеќе заслужуваше да биде фатен и казнет.
Иглбергер вели - апсењето ќе и` помогне на Србија:
- За Србија да се врати во милост на светската
заедница, на Западна Европа, а особено на САД – мислам дека увидоа дека ќе
треба да сторат нешто во врска со тоа.
Според Олбрајт, тоа е и знак дека Белград е
подготвен да се оддалечи од своето националистичко минато:
- Особено се надевам дека изборот на претседателот Тадиќ беше базиран на идејата дека сакаат да појдат напред, а не да гледаат назад. Ќе биде интересно како мнозинството Срби ќе реагира на ова. Очигледно, има некои кои се ултранационалисти и кои веќе изразија несогласување, но верувам дека српскиот народ сака да тргне напред.