Американскиот демократски претседателски кандидат Барак Обама оцени дека средбата со ирачкиот премиер Нури ал-Малики бил конструктивна. Тие разговараа во неделата во Багдад, во рамки на меѓународната турнеја на Обама.
Обама одделно се сретна и со ирачкиот претседател Џалал Талабани, по
посетата на градот Басра на југот на земјата.
Демократскиот кандидат за претседател на САД не обелодени детали од
разговорите со ирачкото лидерство, но ирачките медиуми јавија дека дискусијата
била насочена на економскиот и безбедносен развој на земјата.
Портпаролот на ирачката влада Али ал Дабаг изјави дека Обама не дискутирал
за неговиот предлог за повлекување на американските борбени сили од Ирак во рок
од 16 месеци. Но, во коментар што
сугерира дека Ирак и Обама не се многу далеку во мислењата по ова прашање,
порпаролот изјави дека ирачки официјални лица се надеваат дека американските
сили ќе се повлеќат од Ирак до 2010-та.
Во Вашингтон, портпаролот на Белата куќа Дејна Перино го повтори ставот на
владата против поставување временски рок за повлекување.
Претходно, Обама го посети Авганистан, опишувајќи ја ситуацијата во земјата
како „опасна и ургентна“.
Обама смета дека Авганистан, а не Ирак треба да биде фокусот на
американските анти-терористички напори.
Ривалот на Обама, републиканскиот претседателски
претендент Џон Мекејн е енергичен поддржувач на американскиот армиски ангажман
во Ирак. Реагирајќи на посетата на
Обама и неговиот став за повлекување на силите, Мекејн рече дека повлекувањето
зависи од ситуацијата на теренот и одржувањето на постигнатиот напредок со
армиските засилувања што претседателот Буш ги испрати во Ирак минатата
година. Сенаторот Обама, кој беше
против таквата одука, сега не ќе можеше да појде во посета на Ирак доколку не
беше испратено засилување, коментираше Мекејн.
Обама ќе ги посети Јордан и Израел во рамки на блискоисточната турнеја, од
каде ќе замине за Европа. Тој е во придружба на колегите - републиканецот Чак
Хагел и демократот Џек Рид.