Се` повеќе земји го признаваат Косово и неговата
независност е факт што противниците најверојатно со време ќе го прифатат,
нагласи американската државна секретарка Кондолиза Рајс по средбата во Стејт департментот
со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и премиерот Хашим Тачи.
Рајс рече дека преку 40 земји, меѓу кои многу
членки на НАТО и ЕУ и некои азиски и блискоисточни земји го признаа Косово,
додавајќи дека ќе има и други. Таа вети
натамошна американска помош и ги повика лидерите во регионот да градат
мултиетничка демократија, што, според Рајс, ќе помогне на противниците да се
помират со независноста на Косово.
Сејдиу и Тачи се заблагодарија на САД за
поддршката за нивната земја и ветија дека ќе градат стабилна и демократска
држава што ќе одржува пријателски врски со сите свои соседи. Ова е нивна прва посета откако Косово објави
независност во февруари. Косовскиот државен
врв во понеделник ќе се сретне и со претседателот Буш.