Линкови за пристапност

Нафтената криза предизвика „зелена“ златна грозница


Дел од економистите и претприемачите на се` повисоката цена на бензинот гледаат како на вовед во нов технолошки бум. Само во 2007-ма, на развој на алтернативни горива биле потрошени 148 милијарди долари. Според ОН, биле инвестирани 60 проценти повеќе пари од 2006-та.

- Постои шпекулација за златна грозница, како во 1849-та, кога сите со копач в рака бараа можност, вели претприемачот Стив Џарветсон.

Ја нарекуваат „зелена“ златна грозница, во која се прават напори најразлични нешта - крајви измет, алги, масло за јадење пченка, па дури и микроби - да се претворат во нов извор на гориво.

Во лабораторијата на компанијата Зиметис од сојузната држава Мериленд, доктор Стивен Хачисон развива процес со кој отпадна хартија со помош на бактерии би се претворила во гориво:

- Работиме со материјали што во моментов не се рециклираат. Од нив може да добиеме добра доза на етанол како гориво. Тоа нема да го реши енергетскиот проблем на ниво на земјата, но сепак е добар почеток.

Технолошкиот стручњак Пол Сафо од Универзитетот Станфорд комнтира дека енергетските инвестиции се зголемиле со зголемувањето на цената на бензинот:

- Има голем прилив на пари. Ќе се дојде до некаков напредок, но треба време да се развијат и применат новите технологии.

Во тој контекст, Џарветсон вели - високата цена на бензинот и не е така лоша работа:

- Ако цената останеше ниска наредните 20-30 години, немаше да дојде до иновации толку потребни поради климатскиот проблем на глобално затоплување.

Според ОН, инвестирањето во нови горива тројно ќе се зголеми во наредните неколку години.

XS
SM
MD
LG