Портпаролот на американската влада упати на Скопје и Атина на прашањето за иницијативата на македонскиот премиер Никола Груевски во писмото до грчкиот премиер Костас Караманлис за решавање на барањата на бегалците – етнички Македонци од Граѓанска војна во Грција во 1940-те и за признавање на македонското малцинство во Република Грција:
- Ова е прашање меѓу Македонија и Грција. Колку што знам, кореспонденцијата е меѓу двете страни, и ве упатувам на нив за коментар, рече Шон Мекормак на вчерашниот редовен брифинг.
Тоа прашање, според Мекормак, е сосема поинакво од прашањето за името:
- Од наша гледна точка, би сакале Македонија и Грција да го решат спорот околу името, што е сосема поинаква тема. Знам дека на неа многумина посветуваат големо време и внимание. Посекако би сакале преговорите наскоро да завршат со успех.
Мекормак негативно одговори на тоа дали САД ќе интервенираат во однос на бегалците и признавањето на македонското малцинство, повторувајќи дека се работи за прашање меѓу Македонија и Грција, како и дека САД не се вмешани.