Линкови за пристапност

Американски пратеник на средбата за иранската нуклеарна програма


Стејт департментот потврди дека државниот потсекретар Вилиамс Барнс ќе присуствува на мошне важната средба со иранскиот преговарач за нуклеарни прашања во сабота во Женева, на која Иран треба да одговори на понудата за поттици во замена за прекин на процесот на збогатување ураниум.

Официјални лица велат дека потсекретарот Барнс - трет по ранг во Стејт департментот - нема одвоено да се сретне со иранскиот преговарач Саид Џалили, туку дека неговото присуство ќе илустрира дека САД стојат зад понудата.

Во значителната промена во американската политика, Барнс ќе присуствува на средбата меѓу иранскиот преговарач, шефот за надворешна политика на ЕУ Хавиер Солана и други високи дипломати во Женева.

Владата на претседателот Буш претходно одбиваше разговори со Техеран доколку не ја запре програмата за збогатување ураниум.

Иранскиот преговарач треба да го достави официјалниот одговор на Техеран за таканаречениот освежен пакет поттици од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија, или Групата 5+1.

Во пакетот, меѓу другите нешта, на Иран му е понудена помош за нуклеарна енергија во цивилни цели, како и нови патнички авиони, доколку ја запре програмата за збогатување ураниум и започне преговори за запирање на нуклеарните активности околу кои постојат сомневања.

Позитивниот одговор од Техеран би значел и отстранување на санкциите од Советот за безбедност на ОН против Иран.

На прес-конференција во Вашингтон, портпаролот на Стејт департментот Шон Мекормак изјави дека присуството на Барнс е симболична промена, а не промена на основната позиција на САД дека Иран мора да запре со збогатувањето ураниум ако сака повластици, меѓу што и дијалог со САД:

-Дали се работи за нова тактика? Да. Дали таа испраќа порака? Да. Дали има промени во содржината на пораката? Не. Фактот дека амбасадорот Барнс ќе присуствува на средбите ја акцентира нашата определба кон дипломатијата. Ако Иранците прекинат со збогатување ураниум, тогаш ќе имаат Американец на преговарачката маса. На преговорите ќе дојде државниот секретар.


Мекормак потврди дека првиот човек на ЕУ за надворешна политика Хавиер Солана е подготвен да започне таканаречени „пред-преговори“ со Техеран, дури и пред Техеран да запре со збогатување ураниум.

Според таканаречената спогодба „замрзнување за замрзнување“ Иран не би додавал нови центрифуги за збогатување ураниум во нуклеарната постројка Натанц, а, за возврат, Групата 5+1 нема да воведува нови санкции против Иран.

Според таквото сценарио, Иран во рок од шест недели би прекинал со збогатување на ураниум и би почнале преговори под полна пареа.

XS
SM
MD
LG