Линкови за пристапност

МКС суд бара суданскиот претседател да биде обвинет за геноцид и воени злосторства


Oбвинителот во Меѓународниот кривичен суд Луис Морено-Окампо побара налог за апсење на суданскиот претседател Омар Хасан ал Башир, обвинувајќи го дека е главен организатор на геноцид и воени злосторства во суданскиот регион Дарфур. Се очекува дека на тричлениот судски совет ќе му требаат недели или месеци пред да одлучи дали да го издаде налогот.

Морено-Окампо ја објави веста на прес-конференција во седиштето на Меѓународниот кривичен суд во Хаг:

- Поднесов барање до судскиот совет да издаде налог за апсење на Омар Хасан Ахмад ал Башир за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.

Тој подвлече дека ова не формално покренување на обвинение против претседателот Башир:

- Барам одлука од судиите, но тие може да се согласат за моето барање, да го отфрлат, или да направат нешто трето, да побараат повеќе докази. Значи, судиите ја имаат моќта да одлучат.


Според него, доколку Башир биде обвинет, тој би можел да одговара по три точки за геноцид и пет точки за злосторстѕва против човештвото. Доколку судиите одлучат да издадат налог за апсење, Башир би бил првиот шеф на една држава обвинет од МКС.

Судан не ја признава јурисдикцијата на Судот и одбива да испорача двајца обвинети – министерот за хуманитарни прашања Ахмад Харун и водачот на милицијата Џанџавид Али Кушауб. Суданците на нож ја дочекаа одлуката за отворање случај против нивниот претседател. Велат - ќе ги доведе во опасност мировните разговори меѓу владата и бунтовниците од Дарфур.

Калид ал Мубарак, портпарол на суданската амбасада во Лондон, вели дека обвинувањата против неговиот претседател се лажни:

- Исто како и САД, го немаме ратификувано Статутот од Рим,со кој беше формиран Меѓународниот кривичен суд. Судан има свој правосуден системшто е доста ефикасен и веќе разгледува прашања за Дарфур, при што се покренати обвиненија против некои лица, некои се ослободени, а некои се затворени.

Мубарак додава дека одлуката на обвинителот може да ја пролонгира кризата во Дарфур и да ги охрабри герилците да ги засилат бунтовничките акции.

ОН проценуваат дека околу 300.000 ги загубиле животите како резултат на конфликтот. Преку два милиони се сметаат за раселени, а мнозинството од нив живеат во бегалски кампови во Дарфур.

XS
SM
MD
LG