Американскиот претседател Џорџ Буш ја отстрани извршната забрана за нафтено дупчење долж американското крајбрежје и го повика Конгресот да го стори истото, за да стимулира истражувањето на нови енергетски ресурси.
На церемонија во Белата куќа, Буш формално ја укина долгогодишната претседателска забрана за нафтено дупчење долж крајбрежјето. Сепак, овој потег ќе нема ефект доколку и Конгресот не ја укине својата, легислативна забрана за истото.
Буш минатиот месец го повика Конгресот да ја укине забраната за дупчење во крајбрежјето и во арктичкиот национален природен резерват на Аљаска. Тој ги обвини демократите, кои имаат мнозинство во Конгресот, дека не сакаат да им помогнат на американските потрошувачи да се справат со растечките цени на бензинот.
Демократите возвраќаат дека нафтените компании треба најпрвин да ги истражат над 27-те милиони хектари федерално земјиште на кое веќе имаат дозвола за нафтено дупчење.