Американскиот секретар на Државната благајна Хенри Паулсон во петок изјави дека федералните регулатори ги поддржуваат компаниите Фени Меј и Фреди Мек „во нивната сегашна форма“. Ваквата изјава навидум ги исклучува шпекулациите за наводно владино преземање на двете најголеми компании во САД за хипотека, во време кога нивниот долг се зголемува, а нивните акции бележат стрмоглав пад.
Фени Меј и Фреди Мек загубија милијарди долари во кризата на пазарот со недвижнини, во која се поголем број на сопственици на домови не можат да го отплаќаат кредитот.
Американската економија дополнително ја погоди цената на нафтата, што во петок достигна рекордно ниво на берзата во Њујорк од 147 долари и 27 центи по барел.