Линкови за пристапност

Стејт департментот работи на прашања од Сенатот околу номинацијата на Филип Рикер


Американскиот Стејт департмент во моментов работи на одговори на прашања од Сенатот во врска со потврдувањето на Филип Рикер за нареден амбасадор на САД во Република Македонија.

Минатиот петок, Сенатот побарал од Стејт департментот написмено да даде одговор на неколку прашања во врска со потврдувањето на Филип Рикер за нов амбасадор во Република Македонија. Портпаролот Чејс Бимер од Европското биро на Стејт департментот вели дека владата во моментот работи на одговорите и се надева постапката за потврдување да продолжи кога Сенатот ќе продолжи со работа по американскиот празник – Денот на независноста 4-ти Јули.

Бимер не сакаше да одговори директно кој од сенаторите имал прашање за потврдувањето на Рикер.

- Ние одговараме на сите барања што доаѓаат од Сенатот. Не би сакал да одам во детали од кого, но можам да кажам дека добивме извесни барања за појаснување по неколку прашања и подготвуваме написмено одговор. Ќе сториме се` што можеме целосно да одговориме и директно ќе соработуваме со Сенатот за да се обидеме да продолжиме со потврдувањето, рече Бимер.

Грчките медиуми последниве неколку дена шпекулираа дека сенаторските забелешки на номинацијата всушност претставуваат порака од грчкото лоби во САД до владата на претседателот Џорџ Буш да ја смени позицијата во однос на спорот околу името меѓу Република Македонија и Грција.

Бимер немаше детали за содржината на прашањата.

За сите номинации од американскиот претседател, како што е кандидатурата на Рикер, неопходна е потврда од Сенатот и таа не може да биде финализирана додека не се одговори на сите прашања од сенаторите. Бимер изрази надеж дека Рикер ќе биде потврден на функцијата, но не сакаше да шпекулира во кој рок.

XS
SM
MD
LG