Подобрување при прегласувањето, но севкупниот процес не исполни некои од клучните критериуми, е оценка на американската влада за предвремените собраниски избори во Македонија.
- На делумното прегласување на вонредните парламентарни избори на 15-ти јуни има значително подобрување од гласањето на 1-ви јуни, кога беа регистрирани нерегуларности, заплашувања и насилство, рече вршителот на должност портпарол на Стејт департментот Гонзало Галегос на редовниот брифинг.
Според американската влада, прегласувањето било во значително подобрени безбедносни околности и им овозможило на граѓаните слободно да го искористат своето демократско право, ускратено на 1-ви јуни. Сепак, Галегос оцени дека и покрај подобрувањето, имало сериозни нерегуларности на бројни гласачки места, вклучувајќи и семејно и застапничко гласање, полнење на кутии и некоректни процедури.
САД го поддржуваат извештајот на ОДИХР во кој стои дека и покрај значителното подобрување на прегласувањето и добрата организација, севкупниот процес на овие парламентарни избори не исполни некои од клучните критериуми на ОБСЕ и Советот на Европа.
- Владата мора да продолжи енергично да врши истрага, да ги гони и санкционира - согласно македонските закони - извршителите на изборна измама, насилство и други криминални акти, рече Галегос.
Тој ја повика македонската влада и политичките лидери да преземат неопходни чекори со цел следните избори јасно да ги исполнат меѓународните стандарди во правец на македонските аспирации за евро-атлантска интеграција.
Галегос подвлече дека САД и натаму енергично го поддржуваат членството на Македонија во НАТО, како и преговорите за разликите околу името меѓу Македонија и Грција под покровителство на ОН.