Линкови за пристапност

Нема офанзива на Талибан, вели афганистанската влада


Извештаи од порано неделава тврдеа дека околу 500 талибански борци презеле неколку населени места северно од јужниот град Кандахар, поставувајќи бариери на патиштата и мини.

Стотици локални жители наводно ја напуштиле областа.

Но, официјални лица од коалицијата предводена од САД во Авганистан велат дека била испратена патрола на теренот која не нашла доказ за преземање на селата од страна на Талибан.

Во изјавата стои дека коалиционите сили слободно се движеле и не биле пресретнати со никаков отпор.

Во Кабул, портпаролот на претседателот Хамајун Хамидзада исто така не им дал значење на извештаите за наводна офанзива на Талибан во кандахарскиот регион.

-Авганистанската национална армија ја контролира ситуацијата. Тие изведуваат армиски операции, реагираат на безбедносни инциденти кои се јавуваат. Морам да кажам дека во печатот има нерационален фокус и преувеличување на она што се случува во Кандахар. Се разбира дека има безбедносни инциденти, но авганистанската национална армија поддржана од силите на НАТО се во Кандахар и тие постапуваат во ситуацијата.

Извештаите за наводната офанзива на Талибан уследија по голем напад на бунтовниците на централниот затвор во Кандахар. Повеќе од илјада затвореници се ослободени во нападот, а речиси половина од нив биле талибански милитанти.

Од враќањето во 2006, талибанските бунтовници за време на кус период ја презедоа власта во некои општински седишта и села, особено на југ и исток на земјата.

Нападите на бунтовниците се засилија годинава и покрај присуството на повеќе од 60 илјади странски трупи под команда на НАТО и американската армија. Авганистанската влада и коалиционите команданти го обвинуваат Пакистан за порастот на насилството во пограничните области. Пакистан негира дека засолнува милитанти на своја територија.


XS
SM
MD
LG