Линкови за пристапност

Националната безбедност - приоритет во надворешната политика на Џон Мекејн


Сенаторот Џон Мекејн вели дека животното искуство – пет години минати како воен заробеник за време на Виетнамската војна и други искуства го направиле „реалистичен идеалист“ кога станува збор за американската надворешна политика. Неговиот фокус е на националната безбедност, како што изложи во говор за надворешната политика во Лос Анџелес во март:

-
Имаме непријатели за кои ниту еден напад не е пресуров, поради кои ниту еден недолжен човечки живот не е на сигурно, непријатели кои - кога би можеле - би не` нападнале со најстрашното оружје во светот.


Питер Бејнард, експерт за надворешна политика при Советот за надворешни работи, коментира дека минатиот учинок на Мекејн придонесува тој да се потпира на американската армиска моќ:


-Мислам дека Џон Мекејн е во рамки на конзервативната традиција, дека во основа го гледа светот како поле на конфликт, а не на соработка, што, природно, го води повеќе да се фокусира на потенцијалните воени закани, а помалку на прашањата.

На Мекејн му се префрла дека се бори за трет мандат на претседателот Буш, но Хели Дејл, американски експерт за надворешна политика во фондацијата Херитиџ, вели дека сепак тешко тој да биде дефиниран во идеолошкиот спектар:

-Тешко е да се етикетира затоа што за некои прашања воопшто не е конзервативен. Ако му го анализирате ставот за Ирак, Авганистан, или пак за промоцијата на демократијата во светот, најверојатно да го сместите блиску до нео-конзервативците. Но, во однос на климатските промени, соработката со ЕУ и други мултилатерални организации, дефинитивно не застапува конзервативни позиции.

Дејл додава дека Мекејн предизвикал контроверза во рамки на својата партија за некои од своите гледишта, и дека ужива улога на независен „одметник“.

XS
SM
MD
LG