Американскиот претседател Џорџ Буш ја заврши еднонеделната турнеја по Европа со посета на Северна Ирска.
Буш заедно со британскиот премиер Гордон Браун во Белфаст го поздрави напредокот во правец на мир и помирувањето меѓу католиците и протестантите. Буш и` одаде признание и на владата во покраината која функционира на принципот на споделување на власта.
Претходно во Лондон, британскиот премиер најави серија мерки за поддршка на новите американски и НАТО армиски иницијативи во Авганистан, како и поддршка за операцијата под американско раководство во Ирак. Браун најави и нови санкции против Иран.
Буш ја започна посетата минатата недела во Словенија, со редовната годишна средба меѓу САД и ЕУ. Тој учествуваше и во прославата на 60-тата годишнина од Маршаловиот план, преку кој беше пружена американска помош за обнова на Европа по Втората светска војна. Буш, придржуван од првата американска дама Лора Буш, исто така ги посети и Германија, Италија, Ватикан и Франција.
Врските меѓу Вашингтон и Европа беа затегнати во поголем дел од мандатот на Буш, најповеќе поради противењето на европските влади на војната во Ирак. Напнатоста се намали последниве години, со доаѓањето на власт на нови влади во Германија и Франција.