Линкови за пристапност

ДИК: Најмногу мандати во новиот парламент за ВМРО-ДПМНЕ


63 пратенички места за Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 27 за Коалицијата „За Европа – Сонце“, 18 за ДУИ, 11 за ДПА и едно место за ПЕИ. Вака ќе изгледа новото македонско Собрание според првичните официјални податоци што денеска ги сооопшти Државната изборна комисија.

Претседателот на ДИК Јован Јосифовски најави дека за 14 дена ќе се прегласува во 4 избирачки места, а резултатите можат да донесат поместување за еден мандат кај една политичка партија, без да прецизира која. Тој вели дека ќе предложи новиот парламент да се конституира в петок, на 20-ти јуни, а прегласувањето нема да влијае на тоа.

- Дваесеттиот ден од денот на одржувањето се смета денот кога во суштина се одржале изборите и на кои најголемиот број на мандатите се добиени, значи повеќе од две третини. Во конкретниот случај, повеќе од очигледно е дека имаме повеќе од две третини од мандатите, значи во прашање е еден мандат или евентуално нешто повеќе, врз основа на приговорите.

Оценката на ДИК по вчерашното прегласување е дека Македонија го положила поправниот испит.

- Оценуваме дека ова прегласување на 15-ти помина во мирна, фер и и демократска атмосфера. На 15-ти јуни Република Македонија навистина го положи поправниот испит по демократија и зрелост, рече Јосифовски.

Веќе тече 48 часовниот рок за поднесување приговори до ДИК.

XS
SM
MD
LG