Линкови за пристапност

Обама ветува промени во американската надворешна политика


Демократскиот претседателски претендент Барак Обама ветува дека доколку влезе во Белата куќа, ќе го промени правецот на американската надворешна политика.

Конкретно за Македонија, Обама нема - како што викендов се тврдеше во дел од извештаите во македонските медиуми - дадено интервју за Гласот на Америка на грчки јазик во кое ја повикува Македонија да прекине да ја крши Времената спогодба. На Интернет страницата на Обама не може да се најде никаква референца за неговите политички погледи во однос на Македонија. Барак Обама, меѓутоа, е коспонзор на Сенатската резолуција број 300 поднесена од сенаторот Роберт Менендез уште во август минатата година, а потоа испратена во Сенатската комисија за надворешни работи, во која Македонија се ословува како ФИРОМ и се повикува да ја почитува Времената спогодба и да работи со Грција на обострано прифатливо решение. Други коспонзори на резолуцијата се сенаторите Олимпија Сноу, Карл Левин, Деби Стабенов и Џон Кери, од кои последниот најсвежо има ставено потпис на неа – на 11 јуни годинава.

Какви се надворешно-политичките ставови на Обама?

Од повлекување на американските сили во Ирак, спречување на Иран да дојде до нуклеарно оружје, па се` до затворање на притворниот центар Гвантанамо – Барак Обама ветува нов правец на американската надворешна политика.

- Сакам фундаментална промена. Време е да свртиме лист и да му кажеме на светот дека сме подготвени да предводиме – со дела и примери, рече Обама на неодамнешен митинг.

Неговите гледишта одразуваат дел од политиката на претходните американски претседатели, особено оние од Демократската партија. Хари Труман, Џон Кенеди и други подвлекуваа дека промоцијата на демократија и човекови права не може да биде одвоена од борбата против сиромаштијата и очајот. Питер Бејнарт од Советот за надворешни работи вели:

- Кај Обама е присутна идејата што датира уште од претседателот Вудроу Вилсон, дека живееме во свет на заеднички закани, дека глобалното затоплување, опасностите по јавното здравје и економска нестабилност ни се закануваат и нам, и дека затоа треба да се справиме со нив преку соработка.

На тема Ирак, Обама вети фазно повлекување на американските сили и повлекување на сите борбени единици во рок од 16 месеци. За иранските нуклеарни амбиции, даде ваков коментар во неодамнешен говор пред Американско-израелскиот комитет за јавни прашања:

- Ќе сторам се` што е во моја моќ да го спречам Иран да дојде до нуклеарно оружје. Се` во моја моќ. Се`.

Ваквите решителни зборови беа насочени кон конкурентот, републиканскиот претседателски претендент Џон Мекејн, кој го оквалификува Обама како наивен и неискусен за надворешно-политички прашања, затоа што изрази подготвеност да се сретне со американските непријатели, како иранскиот претседател Махмуд Ахамадинеџад, на пример.

-Американците треба да бидат загрижени за просудувањето на претседателски кандидат кој вели дека е подготвен лично и безусловно да разговара со тирани, од Хавана па се` до Пјонгјанг, рече Мекејн во рамки на својата кампања.

Обама ја отфрла критиката, наведувајќи дека и други претседатели - меѓу нив и Роналд Реган - се среќавале со американски непријатели. Па сепак, експертот за надворешна политика од Фондацијата Херитиџ Хели Дејл смета дека Обама е ранлив по прашањето на искуство:

- Тој нема ниту еден завршен мандат како сенатор, не бил изложен на надворешно-политички прашања. Неговите изјави сугерираат дека навистина не разбира како функционира меѓународната политика – нешто што би го знаеле доколку ја следите со години.

Обама, пак, смета дека неговите корени – мешано расно потекло и минат дел од младоста во Индонезија – ќе му дадат уникатна перспектива во водењето надворешна политика. Питер Бејнарт од Советот за надворешни работи мисли дека тоа ќе биде плус, во споредба со претходните претседатели чии прекуокеански врски првенствено беа со Европа:

- Фактот дека живеел во Индонезија, која е муслиманска земја, но и дека има корени надвор од САД, во Третиот свет – мислам дека тоа ќе биде голема работа за луѓето ширум светот и ќе има влијание врз нивните водачи. Но, и покрај ова, САД ќе имаат интереси поради кои ќе бидат на спротивна страна со некои земји. Тоа нема да изчезне.

На крајот на краиштата, интензивниот интерес во странство за Обама и за претседателската кампања можеби се должи на неговото уникатно потекло, како и ветувањето - дека ќе сврти нов лист во американската надворешна политика.

XS
SM
MD
LG