Линкови за пристапност

Меѓународната заедница задоволна од вчерашното прегласување


Македoнија покажа дека може да организира добри избори, во прашање е само политичката волја. Вака евро-амбасадорот во Македонија Ерван Фуере го оцени вчерашното прегласување во 187 гласачки места во три изборни региони во Македонија, откако полицијата и набљудувачите реферираа дека не се случил ниту еден посериозен инцидент.


- Ситуацијата генерално е смирена, со видливо силно полициско присуство, што им дава сигурност на граѓаните дека можат да го остварат своето право на глас без закани. Членовите на локалните изборните комисии исто така работат добро. Сето ова демонстрира дека земјата има капацитет да организира избори. Но, жално е што на изборите на први јуни недостасуваше политичка волја кај неколку политички партии да обезбедат добро гласање, изјави Фуере кој го набљудуваше гласањето во тетовско-гостиварскиот регион.

И германскиот амбасадор во Скопје Ралф Андреас Брет вели дека е задоволен од она што го видел на теренот. Ги повтори пораките од Брисел дека од успешноста на изборите ќе зависи кога Македонија ќе го добие датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ:

- Генерално условите се добри, ова во неколку наврати беше кажано и од господинот Рен, еврокомесарот за проширување. Ова е на некој начин деветиот критериум, покрај осумте приоритети. Доколку нештата денеска завршат добро, мислам дека шансите се многу добри.

Британскиот амбасадор Ендру Ки ги обиколи местата во скопските општини.

Тој е оптимист дека по вчерашното прегласување Македонија добила преодна оценка:

- Денес во Луксембург ќе има состанок на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ и навистона се надевам дека тие ќе добијат позитивен извештај за гласањето.

Највоздржан во оценката беше амбасадорот на ОБСЕ Џорџо Радикати. Не сакаше да коментира како тече изборниот процес, ниту да навести каква ќе биде оценката.

По прегласувањето се очекува набљудувачката Мисија на ОБСЕ/ОДИХР да го објави конечниот извештај за вонредните парламентарни избори во Македонија.

XS
SM
MD
LG