Иако нема нов конкретен предлог, на маса има добри идеи - ова е епилогот од речиси тричасовната средба во седиштето на ОН во Њујорк каде заврши најновата рунда преговори за разликите околу името меѓу македонскиот амбасадор Никола Димитров и неговиот колега Адамантиос Василакис, со посредство на специјалниот пратеник на ОН Метју Мимиц.
- Јазот не е помал, не е стеснет меѓу двете страни, туку дискусијата е малку пофокусирана, рече Нимиц.
Посредникот најави дека ќе го посети регионот, но не кажа дали следната седмица ќе престојува во Атина или во Скопје. Тоа зависи од неговиот, но и од распоредот на владите во Македонија и Грција, иако не се исклучува да појде кон крајот на јуни.
На прашање на Гласот на Америка на македонски, дали има шанси да дојде до решение до 9-ти јули, кога Хрватска и Албанија ќе ги потпишат пристапните протоколи за влез во НАТО, Нимиц истакна дека “нема рок за решавање на проблемот“ како и дека „колку побрзо - толку подобро“. Меѓутоа, рече Нимиц има континуитет и добра волја меѓу обете страни.
Неофицијално, во најновата дискусија најмногу станало збор за опсегот за употреба на името за кое би се постигнал договор. Ниту од македонската, ниту од грчката страна немаа официјални коментари за средбата. Според Нимиц, вонредните парламентарни избори не се никаква пречка за процесот затоа што Македонија има политичко раководство. Тој смета дека е касно кој ќе ја води државата во наредните четири години и оттаму нема причина да се чека формирање на нова влада во Скопје, што претставува основна позиција на Атина дека во моментот Македонија нема влада и легитимитет за сигурни преговори. Посредникот Нимиц оцени и дека нема притисок од американската влада за изнаоѓање решениие затоа што, како што рече, процесот и темпото на разговорите не зависат од него, туку од двете страни.
Ова беше прва средба меѓу преговарачите Димитров и Василакис со посредство на Нимиц по грчкото вето во самитот во Букурешт за влез наМакедонија во НАТО.