Линкови за пристапност

Американскиот Врховен суд смета дека затворените во Гвантанамо може да се жалат на суд за притворот


Американскиот Врховен суд одлучи дека странските лица осомничени за тероризам затворени во армиската морнаричка база Гвантанамо на Куба може да се жалат на цивилен суд за притворањето.

Со одлука од 5 наспроти 4, Судот реши дека притворениците во Гвантанамо имаат права согласно американскиот Устав. Пишувајќи во име на мнозинството, судијата Ентони Кенеди наведува дека законите и Уставот на земјата се создадени на тој начин за да „преживеат и останат на сила и во несекојдневни времиња“. Но, судијата Ентонин Скалија во мислењето на малцинството пишува дека САД се „во војна со радикални исламисти“ и дека одлуката ќе направи војната да стане уште потешка и речиси сигурно ќе придонесе да бидат убиени уште повеќе Американци.

Белата куќа реагираше со изјава дека ја разгледува одлуката на Врховниот суд. Претседателот Буш од европската турнеја порача дека ќе се придржува до одлуката и дека неговата влада ќе ја разгледа пресудата со размисла дека можеби би било соодветно да се донесе дополнителна легислатива.

Затворот беше отворен во 2002-ра за притворање на лица осомничени дека имаат врска со тероризмот. Таму се држат околу 270 лица, означени како „непријателски борци“ – некои од нив и по преку шест години.

Вчерашната одлука е по третпат Врховниот суд да пресуди против владата на Буш по прашањето за притворениците од Гвантанамо. По претходните пресуди, Белата куќа и Конгресот презедоа мерки да го променат законот, за да затворат секаква можност за правен маневар. Владата на Буш смета дека воспоставените армиските комисии, создадени специјално за да им се суди на осомничените во војната против тероризмот, се валидна алтернатива на американскиот федерален судски систем, делумно поради потребата дел од доказите да останат во тајност.

Минатата недела, пет лица обвинети дека се заговорници во терористичките напади врз САД од 11-ти септември 2001-ва се појавија на распит пред армиска комисија во Гвантанамо. Петмината – меѓу кои и наводниот главен организатор Калид Шеик Мухамед – може да бидат погубени, доколку бидат осудени за виновни.

Поборници за граѓански права ги критикуваа воените судови во Гвантанамо, велејќи дека не се целосно непристрасни како и дека се предмет на политичко влијание. Џоан Маринер, која се бави со терористичка проблематика во Њујоршката канцеларија на Хјуман Рајтс Воч, вели дека се работи за историска одлука:

- Го обновува нашиот кредибилитет како нација посветена на владеењето на правото. Ова е прв чекор кон создавање на праведен процес.

Судијата Кенеди во одлуката пишува дека федералните судии сепак би можеле да одлучат да го продолжат притворот за лицата од Гвантанамо, доколку постојат легитимни причини за загриженост од аспект на безбедноста. Џоан Маринер се согласува и додава дека одлуката на врховниот суд не значи дека сите 275 притвореници во Гвантанамо ќе бидат ослободени:

- Судот само вели дека претседателот не може да држи лица во притвор по свое убедување – дека треба да постои некаков вид на независен, праведен процес на одлучување дали овие лица треба да се држат во притвор.

XS
SM
MD
LG