Линкови за пристапност

Започна новата рунда преговори за името во Њујорк


Утринава во 9 часот по источно-американско време во седиштето на ОН во Њујорк започна новата рунда преговори за разликите околу името меѓу македонскиот преговарач Никола Димитров и неговиот грчки колега Адамантиос Василакис, со посредство на специјалниот пратеник Метју Нимиц. Американскиот дипломат претходно имаше одвоени средби со Димитров и Василакис. Не е исклучена можноста – ако има потреба – разговорите да продолжат и во петок.

На средбата во Њујорк, според најавите од Скопје и Атина, не се очекува нов предлог од Нимиц, туку треба да бидат разгледани идеи и сугестии во врска со преговарачкиот процес и да се договорат скорешни посети на посредникот Нимиц на Македонија и на Грција. Се` уште е неизвесна можноста за евентуален компромис и заеднички прифатливо решение до 9-ти јули, кога Хрватска и Албанија треба да ги потпишат протоколите за членство во НАТО, а меѓународни фактори настојуваат тоа да го стори и Македонија.

Засега, остануваат дијаметрално спротиставените позиции. Според последната најава од грчкиот владин портпарол, Грција нема да прифати никаков предлог ако не биде конечен, а нема да се согласи ниту со компромисно име за кое Македонија би организирала референдум, ниту со тоа да нема можност за промена на македонскиот устав. Шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски, пак, нагласи дека е можно прибилижување на позициите за името, ако Грција го признае правото на самоопределување на македонскиот народ.

Сепак, динамиката на македонско-грчките разговори се очекува да биде засилена дури откако ќе се формира новата влада во Скопје, а засега преговорите би биле на ниво на диломатски консултации. На македонскиот преговарач Димитров, пред да замине за САД, по координацијата со претседателот Црвенковски и премиерот Груевски, му беа дадени инструкции согласно државните интереси. Преговарачот Нимиц денеска во Њујорк треба да ја договори и сатницата на своите скорешни посети на Скопје и Атина.

XS
SM
MD
LG