Линкови за пристапност

Буш:  нуклеарно наоружаниот Иран би бил опасен по светскиот мир


На самитот САД-ЕУ што се одржа во Словенија, американскиот претседател Џорџ Буш ја подвлече опасноста за целиот свет доколку Иран развие нуклеарно оружје. Тој на прес-конференција рече дека сега е време сите земји да соработуваат, за да ја запрат иранската програма:

- Една земја не може да ги реши сите проблеми. Сосема се согласувам со тоа. Група земји може да испрати јасна порака до Иранците, а таа гласи: ќе продолжиме да работиме на ваша изолација, ќе продолжиме со санкциите, ќе воведеме и нови ако треба, доколку продолжите да им пркосите на праведните барања од слободниот свет.

Лидерите на Самитот во Брдо кај Крањ, во заедничкото коминике подвлекоа дека се можни дополнителни санкции, ако Иран не одговори на барањата.

- Или ќе се соочат со изолација, или ќе имаат подобри односи со сите нас – ова второто доколку ја суспендираат програмата за збогатување ураниум, рече Буш на прес-конференција по средбата.

Во однос на Балканот, заедничкото коминике на Самитот го поздравува напредокот на Хрватска, Србија, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора во однос на ЕУ и НАТО-интегрирањето. Лидерите на ЕУ и САД конкретно ја поздравија заложбата на сите политички сили во Македонија да останат обединети зад националниот консензус во правец на евро-интеграциите.

Буш се заблагодари на земјите од ЕУ за поддршката во Ирак и Авганистан и кажа дека на средбата разговарале и за Зимбабве, Дарфур, Бурма и Куба. Тој ги поддржа турските напори за членство во Унијата.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша, чија земја е на чело на ротационото претседателство на Унијата, оцени дека има натамошни разлики по прашања како климатските промени, но ја потврди подготвеноста на двете страни да работат на проблемот.

Буш изрази уверување дека може да биде постигнат договор за климатските промени пред да замине од функцијата во јануари.

Од Словенија, претседателот Буш заминува во посета на четири клучни западноевропски сојузници – Германија, Италија, Франција и Велика Британија.

XS
SM
MD
LG