Линкови за пристапност

Извештај на Хелсиншкиот комитет за изборите


Пукање, ранети, заплашување, тепачки, полнење гласачки кутии, манипулација со изборните материјали - се само дел од бројните нерегуларности што ги регистрира Хелсиншкиот комитет за човекови права во посебниот извештај посветен на првите предвремени избори во Македонија, при што констатира дека ова се досега најлошо органзираните избори.

Изборите ќе се запаметат по тоа дека за нас не важи синтагмата „нема избори или изборен резултат што може да оправда загубен човечки живот“, сметаат во Хелсиншки, а одговорноста за тоа лежи во државните институцици. За некои од нив најголемо достигнување беше да глумат дека функционираат, се вели во извештајот.

За жал, прегласувањето ќе биде само шанса симболично да се поправи впечатокот од инцидентите од први јуни кои ќе бидат темна дамка за демократските процеси во зeмјата, констатираат во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Институциите се докрај партизирани и се` беше подредено на победа по секоја цена, се наведува натаму во извештајот:

- Не се знаеше кој пие, но се знае кој плаќа. Предвреме започната агресивна скапа кампања финасирана од непознати извори беше надвор од сите законски лимити.

Во оценката на Хелсиншкиот комитет за улогата на полицијата во изборите се вели дека демонстрирала оти е во партиска служба на владејачката коалиција и дека е поделена по етничка основа.

По првпат, велат во Хелсиншки, се покажала вертикалата што е контролирана и злоупотребувана од албанскиот партиципиент во власта.

ДИК пак, според Комитетот за заштита на човековите права, работела по диктат на Владата.

Забелешки има и за медиумите, кои се товарат за пристасност, при што се констатира дека одредени медиумски сопственици непосредно пред изборите се нашле на изборните листи на власта.

На крајот оценката е дека изборите не беа фер и слободни, барем за една четвртина од населението.

XS
SM
MD
LG