Линкови за пристапност

Џорџ Буш на турнеја по Европа со широка агенда


Џорџ Буш ќе ги посети и Германија, Италија, Ватикан, Франција и Британија. Ова најверојатно ќе биде негова последна посета на регионот, пред да замине од функцијата.


Американскиот советник за национална безбедност Стивен Хедли најавува широка агенда на Џорџ Буш за посетата:


- На самитот САД-ЕУ и на билатералните средби, претседателот ќе ја потикне Европа во соработка со САД да се спротистави на серијата заеднички глобални закани.

Во нив спаѓаат трговските проблеми, климатските промени, глобалната криза со храна и широк круг безбедносни прашања – од поттикнување на стабилност на Балканот, па се` до постигнување мир на Блискиот Исток.

Буш ќе се сретне со првите луѓе на Франција, Германија и Британија, кои се вклучени во дипломатска иницијатива во врска со Иран. Хедли вели - Буш ќе разговара како Иран да биде запрен, за да не дојде до нуклеарно оружје:

- Ќе дискутираат како да ги зајакнат дипломатските напори – и повеќестрано, и еднострано – меѓу што и воведувањето на поголеми санкции согласно Резолуцијата 1803 на Советот за безбедност на ОН.

Хедли не очекува пресвртен напредок по главните прашања за време на посетата, која ја смета за еден вид подготовка за Самитот на Групата осум во Јапонија во јули:

- Ќе се работи на натамошен напредок за голем број прашања, во насока кон форумите каде официјално ќе бидат донесени одлуки, како на пример средбата Г-8.

И стручњаците за транс-атлантски односи не очекуваат некои драматични најави за време на посетата, особено не на Самитот САД-ЕУ. Реџиналд Дејл од Центарот за безбедност и меѓународни истражувања од Вашингтон вели дека иако ваквите годишни средби не се познати по преземање на смели чекори, покажуваат дека Белата куќа сепак е свесна за важноста на ЕУ:

- Во првиот мандат, претседателот беше критикуван дека работи со земјите поединечно и дека ја запоставува ЕУ. Вториот мандат го започна со мошне симболична посета на Европа – на Европската комисија, извршното тело на ЕУ во Брисел. Тој беше првиот американски претседател кој стапнал во таа зграда.

XS
SM
MD
LG