Ова може да се смета за турнеја за збогување на Џорџ Буш. Со приближување на крајот на неговиот мандат, тој прави обиколка на европските престолнини нагласувајќи ја важноста на транс-атлантските односи.
Тое односи беа затегнати низ речиси целото негово претседателствување, во голем дел заради војната во Ирак.
Тензиите малку почнаа да попуштаат последнаве неколку години. Белата Куќа направи напор да посегне по Европејците.
Пораката на претседателот е дека има повеќе што не обединува отколку што не разединува:
-Сојузот на Европа и Северна Америка е главниот столб на нашата безбедност. Силната трговија меѓу нас, е една од локомотивите на светската економија. Нашиот пример за економска и политичка слобода дава надеж на милиони кои живеат во страв од сиромаштија и угнетување.
Господинот Буш беше во Европа три пати во една година по втората инаугурација. Во февруари 2005 тој стана првиот американски претседател кој стапнал во седиштето на ЕУ во Брисел:
-Нашето цврсто пријателство е основно за мирот и просперитетот низ светот, и никаква времена дебата или несогласување нема да не одвои.
Целта беше да се промени тонот, да се намали горчината од војната, вели Џон К. Глен, кој раководи со програмата за надворешна политика во Германскиот Маршалов фонд на САД:
-Тоа што видовме последниве години е еден вид џентлменски договор да не се разговара за Ирак. И наместо тоа, транс-атлантските односи значително се подобрија со визијата за вид на глобална агенда – кои се предизвиците со кои се соочуваме сите ние? А таа листа е прилично долга.
На листата се Иран, подемот на Кина и Русија и економијата – особено трговијата.
За Иран особено, претседателот Буш ја прифати европската дипломатска иницијатива предводена од Германија, Франција и Британија:
-САД и Европа ретко имаат големо и длабоко несогласување како што беше во врска со Ирак. Секако имаше жалби за недоволна комуникација и координација, особено во врска со прашањето на Блискиот исток. Американско-европските релации изгледаат прилично функционални и разумно успешни.
Во последните години од неговиот мандат Претседателот Буш виде нова група европски лидери кои дојдоа на власт, и кои сигнализираа повеќе волја за работа со САД. Ангела Меркел од Германија и Николас Саркози од Франција донесоа голема промена – вели ветеранот-новинар Риџиналд Дејл, кој сега е аналитичар во Центарот за стратешки и меѓународни студии.
-Саркози, кој и во кампањата за функцијата беше познат по прекарот „Американец“, не криеше дека сака да ги поправи односите со САД, и покажа дека дури ги обожува САД.
Дејл вели дека тоа веќе покажува резултат:
-Целата клима во Еврпа стана поповолна, од гледна точка на претседателот Буш. И уште повеќе, почнуваме да гледаме помалку анти-американско расположение во Европа на народно ниво.
Според европски истражувања на јавното мислење, поправањето на имиџот на САД е мало но реално. Аналитичарите велат дека тоа делумно се должи на подготовката за промена во Белата Куќа со доаѓање на нов претседател.
Но Дејл додава дека тоа исто така може да е во функција на се поголемото разбирање на фактот дека двете страни си требаат една на друга.