Линкови за пристапност

Тачи и Ахмети одбиваат соработка


Лидерите на двете најголеми партии на етничките Албанци, по крвопролевањата на неделните избори ја отфрлаат можноста – заеднички да бидат дел од новата влада на Никола Груевски.

Во одделни изјави дадени по телефон за тиранската телевизија Топ Ченел, Мендух Тачи и Али Ахмети потенцирале дека соработка не е можна и меѓусебно си ја префрлувале вината за крвавите настани на денот на изборите.

Старо-новиот премиер Груевски, пак, децидно ја исклучил можноста дека државните органи - пред се` полицијата - имаат одговорност за настаните од 1-ви јуни, тврдејќи за истиот албански медиум дека тие се однесувале професионално. Груевски исто така изразил желба партнер на ВМРО-ДПМНЕ во новата влада повторно да биде Демократската партија на Албанците, но сепак, не исклучувајќи ја опцијата за соработка и со Демократската унија за интеграција. Во таа партија, пак, се цврсто убедени дека по прегласувањето ќе бидат победници меѓу албанскиот електорат. Неофицијално, впрочем, како и во официјалните изјави пред изборите, од ДУИ најавуваат дека се надеваат оти Груевски нема да ја повтори грешката од 2006-тата кога, според ДУИ, не ја испочитува волјата на мнозинството избирачи - етнички Албанци и за партнер го избра изборниот губитник - ДПА.

Шестгодишнината од постоењето на партијата - наместо со прослава - ДУИ синоќа требаше да ја одбележи со протест на скопскиот плоштад Скендер бег против манипулацијата и нелегитимноста на изборите. ДУИ продолжува со обвинувањата кон полицијата и кон ДПА дека во содејство вршеле притисок на денот на изборите на избирачките места. Иако премиерот ги отфрли обвинувањата за одговорноста на власта за инцидентите, префрлувајќи ја вината на партиите на етничките Албанци, ДУИ одговорноста ја лоцира токму кај министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и кај премиерот, кои според партијата ја имале главната обврска за организацијата на фер и демократски избори:

- Да зборуваме за лоцирање на одговорноста е несериозно и неодговорно. Впрочем, јас себеси се прашувам што и како треба да постапам со лице кое ми се заканува, за кое знам дека е припадник на МВР, за кое знам дека се крие зад беџот на алфите, а му се дадени одврзани раце, дециден беше вчера членот на Претседателството на ДУИ, Талат Џафери, кој ја обвини полицијата и пред се` специјалците од редовите на „алфите“ дека биле логистичка поддршка за ДПА на денот на изборите. ДУИ ги наведе и имињата на државните службеници и припадници на полицијата од редовите на ДПА, кои, според партијата, воружени го обезбедувале полнењето на кутиите и ги застрашувале граѓаните.

XS
SM
MD
LG