- Истражната база на податоци ќе ја олесни постапката и ќе ја зголеми ефикасноста на институциите кои ќе располагаат со многу значајни информации и податоци неопходни за истражните органи, изјави денес министерот за правда Михајло Маневски на работилницата што е дел од проектот за ваква база во Јавното обвинителство.
На работилницата, која е дел од твининг проектот Истраги за организиран криминал и корупција преку информатички технологии на Одделението за борба против организиран криминал и корупција при Јавното обвинителство, а на која се обратија и заменикот-јавен обвинител за борба против мафијата при Националното обвинителство на Италија Алберто Чистерна и Патрик Паке, шеф на политичкиот и информациониот оддел при Делегацијата на Европската комисија во Скопје, беше прикажана структурата за функционирање на базата на податоци на истражните органи и на сите институции што располагаат со информации од интерес за истрагата и кои често се предмет на интерес на барањата на полицијата.
Проектот во Јавното обвинителство, како дел од имплементирањето на Стратегијата за ИКТ во правосудството за 2007- 2010, усвоена од Владата, ќе овозможи во македонскиот судски систем да се инсталира истражна база на податоци со која јавните обвинители, истражните судии и органите на истражувањето и откривањето на кривичните дела ќе располагаат со податоци за превенција и поефикасно откривање и докажување на кривичните дела. Главни точки на стратегијата се модернизација на судството, зголемување на неговата ефикасност, подобрување на заштита на безбедоста на податоци, електронска статистика во правосудните институции и централизирани номенклатури.