Линкови за пристапност

Материјалот во трите камиони запрени на Блаце се препакува


- Рано изутрината во пет часот по локално време започнаа активностите на косовските власти и институци, во соработка со КФОР и УНМИК, за соодветно препакување на материјалот што се наоѓа на Блаце. Колегите од Косово операцијата ја водат максимално професионално, согласно сите глобални стандарди за третирање хемикалии. На ваков начин косовските власти ја преземаа орговорноста за овој товар и тоа го прават соодветно. Се надеваме дека брзо ќе завршат и сите други постапки неопходни за да таа биде вратена во Иран, изјави денес владиниот портпарол Ивица Боцевски за развојот на ситуацијата на граничниот премин Блаце, на кој поради четиридневниот хаос, заради присуството на непозната материја во трите бугарски камиони на ничија земја, жителите на селото Блаце се заканија со блокади стравувајќи со последици за нивното здравје, откако на здравствени проблеми се пожалија десетмина полицајци од преминот и членови на итната медицинкса помош.

Официјално, извесен приватен стопанственик од Призрен набавил моторно масло од Иран кое ги поминало контролите на сите граници на целиот пат до Косово, но во неговиот погон било утврдено дека не се работи за нарачаното масло, па пратката тргнала назад кон производителот. Иако експерти докажаа дека не се работи за радиоактивенм материјал, течноста во трите камиони е различна од декларираната во документите, односно, наместо моторно масло во цистерните има некаква хемикалија, која, според жителите на селото Блаце и дел од вработените, штетно влијаела на нивната здравствена состојба.

Според портпаролот Боцевски, првичните анализи покажале оти станува збор за течност која содржи сулфур и која се употребува за разни намени во повеќе индустриски гранки, но и денес ниту тој, ниту некоја друга институција - официјално не прецизираа за што всушност станува збор, иако мостри од течноста во цистерните се испратени на три различни лабораториски контроли.

Откако косовските власти почнале да ја препакуваат хемиската супстанца од трите камиони, граничниот премин Блаце е отворен за сообраќај. Владиниот портпарол Боцевски и денес повтори дека во Македонија нема ниту еден случај на труење поврзан со отровната материја, а дека носењето заштитни маски кај вработените на преминот е дел од стандардната процедура и заштитните мерки во вакви случаи.

XS
SM
MD
LG