Линкови за пристапност

Самитот во Атина без македонскиот претседател 


Претседателот Бранко Црвенковски нема да појде во Атина на Самитот на шефови на држави на Југоисточна Европа, закажан за 13-ти јуни, поради несогласувањето на грчките власти за слетување на владиниот авион.

Кабинетот на претседателот соопшти дека за ваквата одлука на грчките власти бил известен од Канцеларијата за врски на Република Грција во Скопје, од каде понудиле други начини за пристигнување на Црвенковски во Атина, но кои Кабинетот ги одбил како неприфатливи.

Причините да се одбие дозвола за слетување на владиниот авион се идентични со причините што грчките власти и ги посочија на приватната авиокомпанија од Република Македонија, чии прелети беа забранети во Грција, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

Според претседателот Црвенковски, ваквата постапка е спротивна на меѓународните норми и принципи и не придонесува во развојот на добрососедските односи и на заложбите за споделување на заеднички европски и демократски вредности.

Поканата за учество на овој Самит до шефот на македонската држава ја упатија грчкиот претседател Каролос Папуљас и генералниот директор на УНЕСКО Коичиро Мацура, кој е коорганизатор на Самитот. Поради вакивот развој на настаните, нема да се случи ниту средбата Црвенковски – Караманлис, која се најавуваше како можност на маргините на Самитот.

XS
SM
MD
LG