Штабот на Клинтон најави дека таа ќе одржи собир во Вашингтон во сабота на кој ќе се заблагодари на симпатизерите и официјално ќе го поддржи сенаторот Обама. Во денес упатената електронска пошта до симпатизерите, Клинтон вели дека разликата меѓу неа и Обама е мала во споредба со сенаторот Џон Мекејн, републиканскиот претседателски кандидат на кого се очекува да му биде потврдена номинација на завршната партиска конвенција на почетокот на септември.
Обама веќе започна со потрага по потпретседателски кандидат – откако во вторникот стана првиот афро-Американец кој во име на една од двете најголеми партии во земјата ќе води трка за влез во Белата куќа.
Тој вчера побара од тричлена група да му помогне во наоѓање на кандидат за потпретседател. Во групата е Каролин Кенеди, ќерката на покојниот претседател Џон Ф. Кенеди и внука на поддржувачот на Обама, сенаторот Тед Кенеди.
Обама го достигна потребниот број изборни делегати за освојување на демократската номинација по долга и жестока битка на прелиминарни избори по сојузни држави со сенаторката Хилари Клинтон.
- Означивме крај на историско патешествие со почеток на друго, што ќе донесе нов и подобар ден на Америка. Благодарение на вас, стојам тука и велам дека ќе бидам демократскиот кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави, им порача на гласачите Обама.
Извори блиски на Клинтон велат дека би зела предвид да се приклучи на Обама како потпретседателски кандидат, доколку тоа би им помогнало на демократите да ја освојат Белата куќа на директните избори во ноември.
Републиканскиот претседателски претендент Џон Мекејн, испратил писмо до Обама во кое предлага да земат учество на серија средби со граѓани пред изборите:
- Заедничките средби со граѓаните би покажале дека обајцата разбираме дека овие избори се мошне важни за идната безбедност и просперитет на американските семејства. Навистина се работи за избори со мото - „за промена“. Без оглед кој победи на изборите, драматично ќе се промени правецот на земјата. Но, изборот пред Американците е меѓу добра и лоша промена, рече Мекејн.
Штабот на Обама е отворен за такво нешто, нарекувајќи го предлогот привлечен.
Претседателот Џорџ Буш и државната секретарка Кондолиза Рајс, која по позиција е највисокиот афро-Американец во американската влада, вчера му честитаа на Обама.