Дваесет и пет возила на КФОР со 77 грчки војници кои оделе кон базата Бонд Стил на Косово синоќа биле вратени од граничниот премин Богородица кога се обиделе да влезат во Македонија без патни исправи. Имале само нецелосен патен налог напишан со рака на грчки јазик, вели портпаролот на МВР Иво Котевски:
-Тие исто така не го поседувале соодветните документи, односно воопшто не поседувале картички од КФОР, ниту пак соодветни документи дека ќе се приклучат кон контингентот на КФОР, ниту пак нашиот координативен центар бил известен за такво нешто. Единствено што презентирале бил грчки патнички документ во кој рачно биле запишани само 14 возила, односно 11 возила биле вишок на граница. Водачот на конвојот се конфронтирал и почнал да ги навредува граничните служби, по што тие одлучиле да се вратат на грчка територија.
Ова за нас воопшто не е случај - тука не се почитувани процедурите, вели портпаролот на МНР Васко Андоновски на грчките обвинувања дека Македонија го испроблематизирала настанот:
- Ние нема да чекаме Атина да го информира НАТО за ова. Тоа веќе го стори висок претставник на нашето Министерство, кој вчера и денеска претпладне во Брисел разговараше за целиот случај со надлежните служби во НАТО и утврдено е дека се работи за непочитување на процедурата за влез во нашата држава. Оттаму, за нас овој случај, што воопшто не е случај е завршен.
ОД Македонското МНР се повикуваат на СОФА договорот за движење на вакви контингенти при што неопходен е НАТО - патен налог и соодветна докуменатција, што вчерашниот конвој грчки мировници не го поседувале.