Линкови за пристапност

Македонија напреднала во борбата против трговијата со луѓе


Македонската влада остварила забележителен напредок против трговијата со луѓе за сексуална експлоатација, наведува Стејт департментот во најновиот извештај до Конгресот посветен на борбата против ова зло.

Македонија од Групата 2 мина во Групата 1 земји во новиот годишен извештај „Трговија со луѓе 2008-ма“ на американската влада. Тоа е напредок, бидејќи Групата 1, како најдобра во извештајот, ги означува земјите чии влади целосно го исполнуваат минимумот стандарди согласно американскиот Акт за заштита на жртвите на трговијата со луѓе. Владиното справување со овој проблем е дел од сеопфатното реструктуирање на македонското правосудството, стои

во извештајот.

Стејт департментот наведува дека Македонија е извор, транзитно подрачје и конечна дестинација на жени и деца - жртви на нелегалната трговија со луѓе и сексуална експлоатација, но и дека владата минатата година направила забележителен напредок. Агресивниот прогон на трговците со дрога, стои во извештајот, резултирал во тоа поголем број од нив да бидат осудени за злоделата. Во 2007-ма властите започнале кривичен прогон во 55 случаи, и биле осудени 70 лица вмешани во 30 случаи, за разлика од претходната година, кога биле осудени 54 лица во 18 случаи. САД и` оддаваат признание на македонската влада и за подобрување на капацитетот за идентификација и заштита на жртвите – во 2007-ма биле идентификувани 249 лица. За споредба, во 2006-та тој број изнесувал 16. Владата доби пофалби и за финансиската помош за невладините организации кои се бават со оваа проблематика.

Според податоците на американската влада, со македонските жени и деца внатрешно се тргува најповеќе од источните рурални области, во ноќните барови во урбани средини во западниот дел на земјата. Жртвите на трговијата од странство кои завршуваат во Македонија, најчесто доаѓаат од Србија и Албанија, а оние кои транзитираат низ Македонија се шверцуваат во Јужна и Западна Европа, како во Босна, Србија, Италија и Шведска.

Од земјите во соседството на Македонија, Бугарија Грција и Србија се во Групата 2, а Албанија во Подгрупа на Групата 2 – за земји каде со посебно внимание се следи ситуацијата.

Бурма, Куба, Иран, Молдова, Северна Кореја, Саудиска Арабија и Судан се само некои од земјите со најлош учинок - во Групата 3.

На претставувањето на извештајот што опфаќа 170 земји, американската државна секретарка Кондолиза Рајс ги повика на едногласност против трговијата со луѓе бидеќи „слободата и правото на безбеден живот се потреби на човековото достоинство за кои нема преговарање“.

XS
SM
MD
LG