Линкови за пристапност

Барак Обама ја потврди демократската номиција за претседателските избори


Американскиот демократски сенатор Барак Обама ја потврди партиската номинација за претседателските избори.

46-годишниот сенатор од Илиноис по тој повод говореше синоќа пред симпатизери во Сент Пол, сојузната држава Минесота, во истиот конвенциски центар каде сенаторот Џон Мекејн на партиска конвенција во септември и официјално ќе ја прими републиканската номинација.

Обама е прв афро-Американец кој стана најверојатен претседателски кандидат на една од двете главни политички партии во САД.

Тој освои 2.118 делегати неопходни за добивање на партиската номинација, откако доби поддршка од клучни суперделегати - партиски лица кои - за разлика од изборните делегати што се освојуваат на прелиминарни избори по сојузни држави - можат слободно да гласаат за кој и да е` кандидат на завршната партиска конвенција на крајот на август во Денвер, Колорадо.

На последните два прелиминарни избори што се одржаа вчера, Обама победи во Монтана, а Клинтон во Јужна Дакота. Обама ја пофали Клинтон како лидерка која инспирирала милиони Американци. Поранешната прва американска дама во својот говор во Њујорк му даде слична пофалба, но одби да го признае поразот, велејќи дека ќе се консултира со симпатизерите и партиски лица пред да донесе конечна одлука.

Обама сега треба да се соочи со 71-годишниот републикански сенатор Мекејн на предизборна кампања пред директните претседателски избори во ноември. На митинг близу Њу Орлеанс, Мекејн вчера вети сеоофатни владини реформи и го критикуваше својот помлад опонент за темата „промени“ на неговата кампања.

Извори блиски на Клинтон велат дека таа би можела да му се приклучи на Обама како кандидат за потпретседател доколку тоа биде од помош на демократите да обезбедат влез во Белата куќа. Во интервју за Си-Ен-Ен, основачот на Телевизијата Блек Ентертејмент Боб Џонсон ги повика конгресните претставници – црнци да побараат Обама да ја избере Клинтон за потпретседател.

XS
SM
MD
LG