Демократскиот претендент Барак Обама е се` поблиску до освојување на неопходната бројка делегати за добивање на партиската номинација за директните претседателски избори во ноември, во време кога течат последните прелиминарни избори по сојузни држави.
Сенаторот Обама води пред сопартијката, сенаторката Хилари Клинтон во бројот на освоени изборни делегати и се очекува да го зголеми водството по денешните прелиминарни избори во Јужна Дакота и Монтана.
Со релативно малиот број делегати во залог на избори во овие сојузни држави – 31, конечниот исход ќе го одлучат таканаречените суперделегати, партиски лица кои за разлика од изборните делегати по сојузни држави можат слободно да гласаат за кој и да е` кандидат на завршната партиска конвенција на крајот на август.
Асошиетед прес цитираше неименуван извор од кампањата на Хилари Клинтон дека поранешната прва дама вечерва ќе признае дека Обама го има неопходниот број делегати потребни за номинацијата. Но, раководителот на нејзината кампања Тери Мекалиф за Си-Ен-Ен изјави дека веста е неточна и дека трката продолжува.
Обама планира и формално да почне кампања за директните избори против најверојатниот републикански кандидат, сенаторот Џон Мекејн, со собир во Минесота.