Линкови за пристапност

ПДП се спојува со ДПА

  • Синиша Станковиќ
  • Глас македонски

Најстариот политички субјект на етничките Албанци во Македонија заминува во историјата. Лидерите на Партијата за демократски просперитет, Абдуљади Вејсели, и на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, вчера во Тетово најавија спојување на двете партии, или - според реалната моќ на двете парти во македoнскиот политички живот - претопување на во добра мера маргинализираната ПДП во една од двете најголеми партии на етничките Албанци во Македонија.

Откако заеднички дошле до заклучок дека обединети во една партија можат да обезбедат повеќе мандати, лидерите на ПДП и ДПА испиле заедничко кафе и според Вејсели, со ваквата одлука се започнува една нова иницијатива за приближување и обединување на двете политички партии - ПДП и ДПА.

- Tоа ќе биде во многу скорешна иднина, можеби се денови во прашање и затоа нашите гласови може слободно да ги употребува ДПА и нејзиниот лидер, господинот Тачи, изјавил Вејсели.

На заедничката прес-конференција лидерот на ДПА Тачи изјавил дека постои заедничка иницијатива овие две партии бргу да се обединат.

- Мислам дека органите на партиите ќе одлучуваат позитивно. Се е веќе јасно, потврдил вчера Тачи.

Двајцата лидери не обелоденија дали новиот политички субјект на етничките Албанци ќе има и ново име, но органите на двете партии многу скоро ќе почнат со усогласување на актите за новата партија, за нејзиниот статут и за обележјата.

ПДП е формирана во 1990-та година како прва партија на етничките Албанци во Македонија, а по расколот во партијата во февруари 1994-та, од неа се одвои фракцијата на Арбен Џафери, по што беше формирана Партијата за демократски просперитет на Албанците, која се регистрираше во 1995-та, за во јули 1997-ма на партиски конгрес да се преименува во актуелната Демократска партија на Албанците, чие раководство подоцна од Џафери го презеде Тачи.

Поранешниот претседател на ПДП, Абдурахман Алити, кој по неодамнешното напуштање на амбасадорската функција во Бугарија, со образложение дека се повлекол од политичкиот и од јавниот живот од семејни причини, денес на барање на Гласот на Америка одби да го коментира припојувањето на ПДП кон партијата на некогашните партиски фракционери.

XS
SM
MD
LG