Линкови за пристапност

Стејт Департмент:  Политичките лидери и институциите на државата да го запрат и спречат насилството


Портпаролот во Европското биро на Стејт департментот Чејс Бимер за Гласот на Америка на македонски изјави дека САД се длабоко загрижени за серијата извештаи за случаи на насилство, заплашување на гласачите и неправилности за време на предизборната кампања, што продолжија и на изборниот ден.

- Го повторуваме повикот до македонските политички лидери и институциите на државата да ги запрат и спречат таквите инциденти, да ги изведат извршителите пред правдата и да ја исполнат обврската да обезбедат изборите да бидат во атмосфера без насилство и заплашување и во согласност со македонските закони и високите меѓународни стандарди, рече Бимер.

Њујорк Тајмс во денешното издание наведува дека македонските аспирации за членство во ЕУ и НАТО претрпеле тежок удар поради насилството и наводите за нерегуларности што ги засенија парламентарните избори. Весникот додава дека наместо изборите да бидат тест за демократски акредитиви на Македонија за евро-атлантската интеграција, насилството меѓу етнички-албанските ривалски групации ја истакнало репутацијата на земјата на проблематично дете на Балканот. И Интернешенал Хералд Трибјун наведува дека изборните инциденти се закануваат да ги поткопаат европските аспираци на Македонија.

„Пукотници ги засенија изборите во Македонија“ - гласи насловот во метро-изданието на Вашингтон Пост. Весникот го цитира лидерот на победничката коалиција Никола Груевски дека Македонија има сила да тргне напред и енергија за членство во НАТО и ЕУ. „Македонскиот премиер победи на избори засенети од пукотници“, наведува Ју-Ес-Тудеј во насловот на извештајот објавен во овој весник.

Фокс Њуз на својата Интернет-страница ја пренесува длабоката загриженост на претставникот на ЕУ во Македонија Ерван Фуере. Интернет страницата на Блумберг, пак, ја цитира портпаролката на ЕК Марија Асимакопулу дека Комисијата е мошне загрижена поради насилството и повикува на смиреност и воздржаност.

XS
SM
MD
LG