Линкови за пристапност

Стејт департмент:  Грција и Кипар избраа да ја напуштат конференцијата


Американската влада ја брани одлуката Република Македонија да биде застапена под уставното име на меѓународна конференција во средата во Вашингтон. Како што е познато, поради тоа делегациите на Грција и Кипар во знак на протест ја напуштија средбата.

- Тие избраа да ја напуштат конференцијата, рече заменик-портпаролот на Стејт департментот Том Кејси на синоќешниот редовен брифинг, префрлајќи ја топката во раце на делегациите на Грција и Кипар. На новинарска интервенција дека на средбата по повод петтата годишнина од Безбедносната иницијатива за спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување - на која учествуваа 80-тина земји - ознаката за македонската делегација најпрвин била ФИРОМ, а потоа била заменета со Република Македонија, Кејси коментираше дека не е релевантно што пишува на парче хартија пред некоја делегација.

- Долгорочна политика на САД е дека ја признаваат Република Македонија под уставното име. Затоа не е за изненадување за никого, па ни за нашите пријатели во Грција и Кипар, дека тоа е името со кое им се обраќаме на сите состаноци и активности под раководство на американската влада, коментираше Кејси.

Згора на тоа, додаде Кејси, САД имаат респект и знаат дека постои значително несогласување меѓу Грција и Македонија во врска со името. Затоа и пред, и по самитот на НАТО се залагаат за поддршка на напорите на посредникот на ОН Метју Нимиц за постигнување на обострано прифатливо решение. Американската политика за ова прашање е конзистентна, заклучи Кејси.

XS
SM
MD
LG