Претседателот Бранко Црвенковски денес ги повика лидерите на полтичките партии и интитуциите на системот да сторат се` што е во нивна можност избориот ден во недела да мине во најдобар ред.
- Ја користам оваа последна прилика пред почетокот на предизборниот молк уште еднаш да го упатам мојот апел, уште еднаш јавно да ги повикам лидерите и раководствата на политичките партии, челните луѓе на државните институции задолжени за спроведување на изборите, а пред се МВР, да бидат на висина на одговорноста што им припаѓа, рече Црвенковски.
Претседателот потсети дека насилството и изборните инциденти го загрозуваат меѓународниот углед на земјата, но и нејзините евроатлантски перспективи.
- Оваа слика, ако не целосно, тогаш барем во одредена мера ќе може да се поправи само доколку задутре имаме беспрекорен изборен ден. Ничија победа не вреди толку многу за да се плати со заеднички пораз, рече Црвенковски во апелот за спроведување на фер и демократски изборен процес.