Линкови за пристапност

САД предупредуваат дека иранската нуклеана програма би можела да предизвика катастрофа


Одбележувајќи ја петтата годишнина од Безбедносната иницијатива за спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување, Хедли на претставниците на 80 земји кои ги прифатија принципите на програмата им порача дека многу нешта се имаат променето од времето на Студената војна, кога нуклеарното оружје на тогашниот Советски Сојуз одземаше главен дел од вниманието на американската национална безбедност. Хедли рече дека терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва ја разбиле идејата по Студената војна дека нема сериозни предизвици по глобалната стабилност.

Американскиот советник за национална безбедност го издвои Иран, велејќи дека не смее да му се дозволи да создаде нуклеарна бомба:

- Нема да ги изневериме идните генерации со тоа што ќе му дозволиме на Иран да поседува нуклеарно оружје. Иран претставува особена загриженост бидеќи истовремено е и потенцијален раширувач, и активен спонзор на тероризмот, а со тоа и потенцијална маршрута за оружје за масовно уништување за терористичките групи.

Хедли рече дека САД и меѓународните партнери ќе продолжат да вршат притисок врз Иран за неговата програма за збогатување на ураниум преку дипломатска изолација и санкции на ОН. Тој кажа и дека светот не смее да му дозволи на Иран да ги користи преговорите за да добие во време:

- Ако постои една работа за која се надевам дека сите би можеле да се согласиме, тоа е дека Иран наоружан со нуклеарно оружје би имал катастрофални последици по мирот на Блискиот Исток и во светот.

САД и европските сојузници стравуваат дека Иран преку нуклеарниот процес на збогатување на ураниум има намера да изгради атомско оружје. Официјален Техран, пак, инсистира дека нуклеарните напори се исклучиво за мирнодопски цели – за производство на гориво за нуклеарни реактори за цивилни потреби.

САД и другите земји му понудија на Иран разни поттици во замена за прекин на програмата за збогатување на ураниум, и Хедли најави дека дипломатските напори ќе продолжат, за да се најде мирољубиво решение:

- Во исто време, и натаму ќе ја држиме вратата отворена за договорно решение што на Иран му нуди економски, политички и безбедносни бенефиции доколку се откаже од амбицијата за нуклеарно оружје.

Хелди кажа дека Безбедносната иницијатива за спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување, што доведе до десетици инспекции наменети за запирање на пратки на оружје за масовно уништување, би била уште поефикасна кога земјите би споделувале разузнавачки информации на оваа тема:

- Нема време да западнеме во илузија на лажна безбедност. Потребно е уште повеќе да сработиме и ќе бидат потребни уште многу години за да можеме да декларираме дека сме победиле.

Хедли ги повика земјите да ја продлабочат заложбата и да ги прошират напорите за спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување во наредните пет години.

XS
SM
MD
LG