Линкови за пристапност

ИРИ:  70 отсто од испитаниците се изјаснија дека ќе излезат на гласање


Интервју со Линзи Лојд, регионален директор за Европа при Меѓународниот републикански институт

За текот на изборната кампања, последните истражувања на јавното мислење во Македонија, Линдзи Лојд, регионален директор за Европа при Меѓународниот републикански институт говори во интервјуто за Гласот на Америка на македонски:

„Како и обично, енергична кампања меѓу политичките партии, луѓето се поангажирани. Направивме анкета во април каде повеќе од 70 отсто од испитаниците се изјаснија дека ќе излезат на гласање, така што очекуваме голем одзив“, вели Лојд за досегашниот тек на партиската кампања.

Иако има и други проблеми кои ги мачат македонските граѓани, унапредувањето на животниот стандард е главна тема на овие избори:

- Не е за изненадување што економијата продолжува да биде главна грижа за мноштвото граѓани на Република Македонија. Околу 65 отсто испитаници го потенцираа или стандардот на живеење, или економијата како главни приоритети.

За 12 проценти од испитаниците според анкетата на ИРИ, проблемот со разликите околу името им е многу важен, но според Лојд, тоа најверојатно се должи на исходот од Самитот во Букурешт. За прв пат по повеќе години ова прашање e меѓу приоритетите за македонските гласачи, истакна директорот на ИРИ за Европа.

За населението во Македонија, патот кон Европа нема алтернатива – посочи Лојд:

- 96 отсто анкетирани Македонци сакаат земјата да влезе во ЕУ. За НАТО достигнавме рекорд – 92 проценти поддршка – обете популарни и неконтроверзни прашања во Македонија.

Тој вели дека последното истражување на јавното мислење во Македонија покажало дека нема опаѓање на поддршката за влез во НАТО, и покрај грчкото вето во Букурешт.

За Лојд, фокусот на идната власт во Македонија во следните четири години треба да бидат евро-атланските интеграции, за што ќе бидат потребни мачни реформи, иако треба да се има во предвид дека тоа е дел од процесот низ кој минале повеќе земји изминативе години.

XS
SM
MD
LG