Линкови за пристапност

Американска предизборна кампања:  ветувања 


Претендентите за следен американски претседател во кампањата ветуваат: репубиканецот Џон Мекејн дека ќе го намали американскиот нуклеарен арсенал, демократите Барак Обама и Хилари Клинтон дека ќе стават крај на војната во Ирак.

Најверојатниот републикански кандидат за претседател најави дека доколку победи на претседателските избори, ќе го намали нуклеарниот арсенал на САД. Сенаторот Џон Мекејн говореше на собир во Денвер, сојузната држава Колорадо:

- Мора да ни биде приоритет да ја намалиме опасноста дека некогаш ќе биде употребено нуклеарно оружје. Иако се` уште важно за одвраќање од напад со оружје за масовно уништување против нас и нашите сојузници, нуклеарното оружје претставува најужасна и индискриминативна форма на војување во човековата историја.

Антивоени демонстранти на неколкупати го поречија неговиот говор, по што Мекејн го повтори ставот - американските војници да останат во Ирак додека не извојуваат победа:

- Никогаш нема да се предадам во Ирак, мои пријатели. Никогаш.

На средба за собирање донации за својата кампања, Мекејн во вторникот по првпат се појави заедно со претседателот Џорџ Буш откако тој пред три месеци официјално ја поддржа неговата кандидатура. Иако Мекејн го поддржува претседателот за војната во Ирак, тој главно се дистанцира од неговата влада поради непопуларниот рејтинг на претседателот во анкетите.

Сенаторот Барак Обама, кој води во демократската трка за претседателски кандидат, во кампањата повикува на промени, потенцирајќи дека платформата на Мекејн е слична на ирачката политика на Буш:

- Треба да му се оддаде почит за армиската служба. Но, тој практично се кандидира за трет мандат на Буш. Погледнете ја неговата надворешна политика. Сака да ја продолжи војната, без крај.

Сенаторката Клинтон, која е на кампања во Порторико за тамошните прелиминарни избори во недела, ветува:

- Ви велам, ќе ставам крај на војната во Ирак, ќе ги вратам нашите војници дома и ќе се грижам за воените ветерани како што заслужуваат!

Иако Обама води пред Клинтон во бројот на освоени делегати на прелиминарните избори, потребни за добивање на демократската номинација, се` уште е неизвесно дали на крајот ќе добие доволно. За номинацијата најверојатно ќе одлучат таканаречените суперделегати – партиски претставници и лица на јавни функции кои на своја рака одлучуваат за кого ќе гласаат на завршната партиска конвенција во август.

XS
SM
MD
LG