Американскиот сенатор Едвард Кенеди во средата беше отпуштен од болница откако ден предтоа беше дијагностициран со малиген тумор на мозокот.
Докторите и семејството Кенеди сега разгледуваат на каков третман ќе биде подвргнат познатиот сенатор. Претседателот Буш изрази длабоко жалење на веста и кажа дека Кенеди му е во молитвите.
Едвард Кенеди е патријарх на најпознатото американско политичко семејство кој и по 40 години во Сенатот, се` уште е еден од највлијателните членови на Демократската партија. Во јануари енергично го поддржа демократскиот претседателски претендент, сенаторот Барак Обама:
- Знам што може Америка да постигне. Сум го видел тоа. Сум го живеел. Тоа можеме повторно да го постигнеме со Барак Обама.
Обама го споредуваат со брат му на Тед – претседателот Џон Кенеди, кој падна како жртва на атентат во 1963-та. Трагедијата е сипреплетена со политичките амбиции на Кенедиеви. И неговиот брат Роберт Кенеди беше застрелан во 1968-ма, додека беше во трката за претседател.
Едвард Кенеди е роден во Бостон во 1932-ра. Го освоил сенатското местов о 1962-ра и во моментов е втор сенатор со најдолг стаж.
Тој е чест критичар на администрацијата на претседателот Буш и водечки глас против војната во Ирак.
Но, Тед ги минуваше партиските линии во промовирање на своите каузи. Работеше со претседателот Буш за усвојување на мошне важен закон од областа на образованието. Претседателот Буш за Тед вели:
- Луѓето од кафулето близу мојот ранч во Крафорд ќе се изненадат кога ќе им кажам дека всушнот ми се допаѓа овој човек. Тој е извонреден американски сенатор.
И покрај политичкото педигре, сенаторот Кенеди никогаш не го реализира сонот да стане претседател на САД. Неговата политичка кариера безмалку заврши во 1969-та, по сообраќајната несреќа во која животот го загуби неговата сопатничка Мери Џо Копекни. Тој чекал со часови пред да ја извести полицијата – потег што мошне сериозно го загрози јавниот имиџ на Кенедиеви. Во трката за претседателската номинација од Демократската партија во 1980-та, загуби од Џими Картер.
Оттогаш целосно се посветува на работатат во Сенатот. Станува неуморен гласноговрник за либералните каузи, и, како таков, омилена мета на републиканците. Во 2006-та, магазинот Тајм го прогласи за еден од 10-те највлијателни сенатори во Америка. Тајм му одаде признание за, цитираме, „титанскиот учинок во легислативи кои се одразиле на животите на практично сите во земјата“.