Линкови за пристапност

Бурма под притисок да прими странска помош за погодените од циклонот


Според бурмански официјални проценки, циклонот од 2-ри мај однел 78 илјади животи, а 56 илјади лица се водат како исчезнати. Странските хуманитарни агенции предупредуваат дека трагичниот биланс може да биде поголем поради недостаток на вода за пиење, храна и засониште.

Меѓународната заедница врши притисок врз бурманската воена влада да ја прифати итно потребната помош за околу 2,5 милиони преживеани. Генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун денес го обиколи најтешко погоденото подрачје - устието на реката Иравади. Тој претходно во Рангун се сретна со бурманскиот премиер, генералот Теин Сеин. Различно гледаат на ситуацијата: Ки-Мун негодуваше бидејќи бурманските власти не дозволуваат на хуманитарните работници од странство да достават пратки, и подвлече дека обемот на катастрофата налага странска помош. Генералот Сеин, пак, смета дека фазата на помош завршила, и дека е време да се започне со обнова.


Помошта допрела само до 25 проценти од погодените, тврдат во ОН. Денес во Рангун пристигнаа првите 10 хеликоптери на ОН на кои бурманските власти им дозволија влез во погоденото подрачје.

Првата американска дама Лора Буш повторно ја повика бурманската влада да дозволи на САД да достават поголема помош. Во интервју за Меѓународното биро за емитување на програма - финансирано од американската влада - таа кажа дека помошта од САД е безусловна. Добро е што бурманската влада дозволи авиони со помош да слетаат во земјата рече Лора Буш, но ја повика и да дозволи да пристигнат бродовите на американската морнарица, бидејќи содржат опрема што не може да се достави по воздушен пат.

- САД би можеле многу да сторат ако се дозволи влез. Бродови на морнарицата се близу брегот на Бурма, опремени со многу нешта за одговор на катастрофа – големи камиони за пречистување на водата од солта што би дале чиста вода за пиење. Тоа е многу важно, кажа Лора Буш.

XS
SM
MD
LG