Линкови за пристапност

Обама го обвинува Буш за „невистинит политички напад“


Демократскиот претседателски кандидат Барак Обама го обвини американскиот претседател Џорџ Буш дека почнал „невистинит политички напад“ врз него со коментарот даден за време на посетата на Израел. Белата куќа, пак, негира.

Во говорот во израелскиот парламент, претседателот Буш остро ги отфрли повиците да се преговара со иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад и други државници кои се сметаат за непријатели на САД.

- Некои веруваат дека би требало да преговараме со терористи и радикали, како дека некој генијален аргумент ќе ги убеди дека не се во право. Сме слушнале вакви бесмислени заблуди и порано. Кога нацистичките тенкови влегоа во Полска во 1939-та, еден американски сенатор кажа: „Боже, да можев да зборувам со Хитлер, сето ова ќе можеше да биде избегнато“. Имаме обврска ова да го наречеме она што е – лажен комфорт од попуштање, што историјата веќе повеќепати го дискредитираше, рече Буш.


Буш не спомена никого по име. Па сепак, Обама во предизборната кампања има кажано дека како претседател, би бил подготвен да се сретне со лидерите од Иран и од други земји кои не се во добри односи со САД, како Сирија, Северна Кореја, Венецуела и Куба. Обама смета дека целосното одбивање на средба не помага да се решат дипломатските проблеми и ја наведува минатата американска политика кон Кина и Советскиот Сојуз како пример за успешно преговорање од позиција на сила.

На коментарот на Буш, Обама издаде изјава во која вели дека „Џорџ Буш знае дека јас никогаш не сум поддржал договарање со терористи, и несекојдневното политизирање на претседателот на надворешната политика и политиката на сеење страв не чинат ништо за обезбедување на американскиот народ или пак на нашиот одлучен сојузник Израел“.

Портпаролката на Белата куќа Дејна Перино изјави дека коментарот на претседателот не се однесува на сенаторот Обама, како и дека разбира дека кога луѓето се натпреваруваат за функција, понекогаш мислат дека целиот свет се врти околу нив, но дека тоа понекогаш не е точно.

До оваа реторичка битка доаѓа непосредно откако Обама ја доби поддршката на некогашниот демократски противкандидат, сенаторот Џон Едвардс, што навидум почна да дава поволни резултати, бидејќи Обама веќе доби 4 од 19-те изборни делегати што ги имаше освоено Едвардс, а поддршка му даде и Синдикатот на работниците во челичната индустрија, кој претходно го имаше поддржано Едвардс.

XS
SM
MD
LG